Поранешниот премиер Никола Груевски на 11 ноември илегално ја поминал границата со Албанија и се упатил директно во унгарската амбасада во Тирана. Албанската полиција доцна попладнево потврди дека вечерта на 11 ноември Груевски ја напуштил Албанија и влегол во Црна Гора преку премин кај Скадарското езеро, но за екс-премиерот нема електронска евиденција од каде и кога влегол во Албанија.
Соопштение од МВР на Албанија:
Државјанинот Никола Груевски на 11.11.2018 година околу 19:11 часот излегол од територијата на Република Албанија на граничниот премин Хан и Хотит кон Црна Гора како патник во возило со регистарска табличка CD1013A во сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана. На 11.11.2018 година за граѓанинот Никола Груевски немало никакво соопштение на границата или известување дека е лице по кое се трага.“
Груевски на овој граничен премин како што пренесуваат албанските медиуми ја искористил својата лична карта и бил евидентиран во албанскиот систем само на излез од границата. Следниот ден Груевски се јави од Будимпешта и објави дека бара азил во Унгарија. Како што истражуваат албанските медиуми, според нивните информации, од Црна Гора, потоа Груевски преминал во Србија од каде влегол во Унгарија со помош на унгарски диполомати. Официјалнот став на унгарската амбасада во Тирана за ваквите информации е дека не коментираат за настани кои што се во тек.
Инаку, првичните шпекулации во јавноста беа дека Груевски за Унгарија избегал преку Србија и тоа преку нелегални премини на македонската северна граница.