
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва потсети дека и покрај најновите мерки кои почнуваат од среда имаме забрана на групирање на повеќе од четири лица и има посебни протоколи за организација на настани што би се одвивале на отворен простор и сите мерки треба да се почитуваат.
Тој најави дека МВР веќе подготвува посебни планови за Велигденските и првомајските празници и упати апел до сите граѓани на РС Македонија да се придржуваат до мерките.
– Оваа година се порелаксирани мерките од минатата година, но состојбата не е порелаксирана. Имаме сериозна состојба и треба да останеме сериозни и одговорни во овој дел. Затоа апелирам достоинствено да ги поминеме сите овие празници. Да празнуваме во кругот на нашите семејства, да не се групираме во верските храмови и објекти – порача Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали МВР во пресрет на Велигденските и првомајските празници планира засилени полициски патроли на излетничките места и во близина на верските објекти.
Според него, најважно е што ние како граѓани ќе направиме во Македонија за заедно да се заштитиме од оваа светска пандемија, порача дека нема подобра заштита од тоа да бидеме сами одговорни во справувањето со ковид-19.