МВР нема сознанија дека во Тетово било симнато турско знаме

Тетовската полиција нема сознанија дека во Тетово било симнато или оштетено знаме на Република Турција, како што деновиве било објавено на видео снимка на социјалните мрежи, а за што реагираше и турската амбасада во Скопје. На снимките се гледа како е симнато турското знаме од пред влезот на една куќа.

-Почитувани, во СВР Тетово досега нема пријавено таков настан. По добивање на конкретно медиумско прашање, вчера, веднаш беа испратени служби за да извршат комплетни проверки на поширокиот простор околу Шарена џамија, кој наводно се споменувал во видео материјалот, а што деновиве бил поставен на одредени социјални мрежи. Од извршените проверки на службите, до овој момент нема сознанија дека ваков настан се случил во Тетово- велат од МВР.

Амбасадорката на Република Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, денеска пак писмено реагираше поради објавена снимка на социјалните мрежи и портали, за која се тврди дека е направена во Тетово, а во која се гледа како непознато лице нападна знаме на Република Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).

-Со големо разочарување е видено дека денес во некои социјални мрежи и портали објавена е видео снимка, за која се тврди дека случајот се одвива во Тетово, каде што од страна на непознато лице или лица остварен е грд напад врз нашето ценето знаме. Големо е вознемирувањето поради оваа грда провокативна иницијатива врз нашето ценето знаме кое има голема вредност и значење за возвишената Турска нација- вели амбасадорката Кара.

Таа најстрого го осуди овој немил настан, кој според неа има за цел да ги поттикнe чувствата на злоба и омраза, како и наштетување на вкоренетите братски и пријателски односи.

– Го поканувам нашиот народ на здрав разум пред наведените немили провокативни инциденти- вели амбасадорката Кара.