МВР: Немало закани, ниту напад кон полициски службеници во Арачиново, случајот е целосно расчистен

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека се извршени детални проверки од СВР Скопје и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, и објавите дека полициски службеници биле нападнати во општина Арачиново се комплетна дезинформација. Случајот, како што велат, е целосно расчистен.
-Од извршените проверки е утврдено дека на 30 ноември тројца полициски службеници запреле возило „фолксваген“, управувано од малолетник, но не ги презеле потребните службени дејства, за што против нив се изготвени иницијативи за дисциплинска постапка, а во извршените службени разговори тројцата полициски службеници негираат дека било кој им се заканувал или вршел притисок врз нив, соопштија од МВР.

Оттаму апелираат да се проверат фактите и да не се објавуваат дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните.

Во врска со случајот, од МВР потенцираат дека утрово во Полициско одделение Арачиново е повикан 17-годишниот малолетник заедно со неговиот родител, двајцата од селото Сарај, скопско, поради основано сомнение за сторен прекршок по чл.225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и по извршен службен разговор, малолетникот го појаснил стореното дело.
-Против малолетникот е поднесен поднесок за констатиран прекршок за управување на моторно возило без возачка дозвола, а против родителот поднесок за сторен прекршок по чл.317 ст.14 од истиот закон, поради тоа што му дозволил на малолетникот да го управува возилото без дозвола, се наведува во соопштението на МВР.