Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека на седницата одржана на 21 мај 2018 година, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето. Истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 97, од 28 мај 2018 година и стапува во сила на 04.06.2018 година.
Меѓу останатите измени и дополнувања на законот, важно е да се напомене дека согласно одредбите од член 34, дозволите за поседување и носење на оружје, овластувањата за носење на оружје и дозволите за поседување на оружје издадени согласно Законот за набавување, поседување и носење на оружје („Службен весник на СРМ“ број 25/72, 30/72, 18/76, 26/76, 15/83, 51/88) и („Службен весник на Република Македонија“ број 26/93 и 49/2003), се заменувааат врз основа на поднесено писмено лично барање од физичко или правно лице за замена на постојните исправи, најдоцна во рок од пет години од денот на влегување во сила на овој закон, односно до 04.06.2023 година. Постојните исправи ќе се заменат според живеалиштето на физичкото лице, односно престојувалиштето на странецот, односно седиштето на правното лице, велат од МВР.
Исто така, согласно одредбите во член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето („Службен весник на РМ“ број 97/18), предвиден е нов член 16-а, во кој се регулирани постапките за легализација на оружјето од Б, Ц и Д категорија, што се поседува од страна на физичко или правно лице без издадена исправа за оружјето.
Согласно одредбите од истиот Закон, барањето за легализација на оружјето може да се поднесе најдоцна во рок од една година, од денот на влегување во сила на овој закон, односно најдоцна до 04.06.2019 година.