МВР оценува дека гласањето поминува мирно, во Кичево имало кинење и фотографирање на гласачки ливчиња

До пладне Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти на денешната прес -конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

– По отворањето на гласачките места до 11 часот регистрираме два настани во Кичево и еден во Тетово. Полициски службеници од pолициската станица Кичево го лишиле од слобода Б.К.(64) од Кичево затоа што во 07.45 часот го искинал гласачкото ливче откако гласал на избирачко место бр.0745 во Кичево. По насоки на јавен обвинител на Б.К. ќе му биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „уништување на изборен материјал“. Во 08.25 часот во pолициската станица Кичево, од избирачкиот одбор во село Премка било пријавено дека на избирачко место бр.0796 во Премка, А.У. од село Премка го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – информира Ангеловски.

Тој истакна дека во 09.15 часот во СВР Тетово, заменик претседателка на гласачко место бр.1972 во основнот училиште „Братство Миѓени“ во Тетово пријавила дека С.Д. сакала да го оствари своето право на глас без приложување на соодветен документ за идентификација, односно се обидела да гласа прикажувајќи фотографија од нејзината патна исправа на мобилниот телефон, а откако и било кажано дека тоа е противзаконски, започнала агресивно да се однесува кон неа.

Регистрирани се и пријави за агитација во Кочани и во Кратово, но за сега овие пријави не се докажани.