15 часа им требаа на полициските екипи да завршат со претресите во скопско Арачиново трагајќи по двата тони канабис украден од складиште во Јосифово. Утрово под силно обезбедување два полициски камиони го напуштија селото а од министерството соопштија дека е запленета поголема количина.
Според информациите на Телма, претресите сеуште траат, но сега акцијата е фокусирана во селото Мојанци, во непосредна близина на Арачиново.
Според неофицијални информации, двајца се приведени а се трага по уште неколку лица, членови на криминалната група која го извршила грабежот.
Од МВР нема официјално дали има приведени, колку канабис е запленет, кој го украл и како стигнал во Арачиново.
„Уште се постапува во врска со акцијата во која е запленета поголема количина марихуана и кога целосно ќе заврши акцијата соодветно ќе известиме“ – велат од МВР.
Кражбата на два тони канабис се случи во петокот а полицијата уште во саботата го лоцирала камионот но без приколката оставен напуштен на паркинг на патото кон граничниот премин Блаце.
Веќе петти ден нема официјална информација како се случила кражбата на канабисот од погонот за преработка во валандовско село Јосифово.
Она што е познато е дека грабежот бил околу три часот наутро кога е украден камион во чија приколка имало 200 кутии со два тона канабис.
Складот од каде била изнесена марихуаната бил со обезбедување и во дел од селото каде немало поголемо движење на луѓе, а движењето во тој реон и не било дозволено од безбедносни причини.
Погонот ги имал сите лиценци за производство на марихуана и преработка за потреби за производство на масло.
Законската регулатива околу обезбедувањето на складиштата во кои се чуваат огромни количини канабис е половична е недортечена. Имено во законот презицно стои дека треба да има 24 часовно обезбедување без да се прецизира какво – физичко, техничко, аудио визуелно па така на сопственикот останува одлуката како ќе го обезбедува објектот.
Ова досега неколку пати го посочија прозиводителите на канабис кои бараат носење на подзаконски акти со кои прецизно ќе се регулира начинот на обезбедување на складиштата.