МВР призна дека е украдена марихуана од полициска станица

За кражбата на 24 стебла марихуана и туфки подготвени за вештачење, од канцеларија на криминалистичка техника во гевгелиската полиција, Нетпрес доби и официјална потврда од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму посочија дека заедно со Јавно обвинителство се преземаат мерки за разрешување на случајот.

„Од досега преземените мерки и активности, констатирано е дека ноќта на 29.11.2020 е извршена провална кражба во ОВР Гевгелија, во просториите кои ги користи крим техника, кои се со посебен влез во објектот. МВР располага со оперативни сознанија за сторителот и во координација со ОЈО Гевгелија се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во врска со овој случај, Одделот за внатрешна контрола веднаш ги изврши потребните проверки и констатира несоодветно постапување на полициски службеник што бил задолжен за обезбедување на просторијата. Против одговорните ќе бидат преземени соодветни мерки“, стои во одговорот на МВР.