Денешните протести на подрачје на општина Ѓорче Петров поминаа без посериозни инциденти и без да биде предизвикана поголема материјална штета, оценуваат од Министерството за внатрешни работи.
„Благодарение на соодветната полициска интервенција беа спречени нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем и несакани ескалирања на состојбата. До овој момент до Министерството за внатрешни работи нема пријава за повредени лица од учесниците во протестот“, вели помошник министерот за односи со јавност, Иво Котевски.
Полицијата при протестите поради инциденти и каменување на полициски службеници привела 27 лица во полициските станици во Кисела Вода и Карпош.
„Против нив, по целосно документирање на делата ќе следуваат соодветни пријави. При преземањето на активностите вкупно девет полициски службеници (седум припадници на ЕБР и двајца на СВР Скопје) се пожалија на некакви повреди кои не се од посериозен карактер, а беа оштетени и осум службени возила“, вели помошник министерот за односи со јавност, Котевски.
Котевски вели дека протестите започнале околу 17 часот откако преку социјалните мрежи беше организирано собирање во знак на револт за вчерашното убиство на 18 годишното момче. Поголемиот дел од лицата кои пристигнаа на протестите, според првичните сознанија беа малолетни на возраст од 15 до 18 години, членови на навивачки групи, а дел од нив носеле фантомки на главите, како и безбол палки и стапови.
МВР апелира граѓаните да останат воздржани и да дозволат органите на прогонот непречено да ги завршат сите законски процедури околу докажување на одговорноста на осомничениот. Да не дозволат да бидат манипулирани и вовлечени во посериозни инциденти кои би имале далекусежни последици. Од МВР апелираат и до медиумите сериозно и професионално да ги извршуваат своите задачи и им стоиме на располагање да ги проверуваат сите дезинформации пред да бидат објавени за да не ја доведуваат во заблуда јавноста.