МВР разби десетчлена хакерска група во синоќешната акција „Компас“. Организираната криминална група изработувала лажни веб страници и крадела податоци од платежни картички поради вршење нелегални трансакции.
Поднесена е кривична пријава против десет лица, сите од Македонија, меѓу кои Р.П. (32) од Прилеп, З.М. (28) од Штип, П.П. (30) од Прилеп, се организатори на криминалната група, а Д.Г. (32), Б.П. (28), Г.К. (33) сите од Прилеп, како и М.Т. (21), И.Т. (27), Ј.Р. (26) и С.П. (32), сите од Скопје.
На Р.П., П.П. и Г.К. им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а З.М. не е достапен на органите на МВР, и за него е распишана потерница.
Од преземените мерки и активности утврдено е дека членовите на организираната криминална група делувале на начин што прво и второпријавениот прибавувале банкарски податоци од вистински платежни картички и податоци за носители на тие платежни картички. Податоците ги прибирале изработувајќи лажни веб страници – фишинг (веб страници кои се визуелно идентична копија на оригиналната и истите имаат полиња за оставање на банкарски податоци од страна на корисниците, но веб страната е лажна и тие банкарски податоци ги добива лицето кое што ја поставило таа фишинг страна).
Вака изработените лажни веб страниги поставувале на веб сервери во странство и линковите до истите со помош на спам пораки, каде што како дел од спам пораката, која што обично е реклама за некоја нова услуга, го ставаат и линкот до лажната ВЕБ страница, и така подготвените спам пораки во вид на меилови ги препраќаат до таргетната група на лица. Откако овие оштетените ќе ја отвореле лажната ВЕБ страница, без да приметат дека не е оригинална, ги вметнуваат своите кориснички имиња и пасворди за пристап, и овие податоци автоматски се зачувуваат на документ поставен на интернет за таа цел, а до кој што пристап имаат членовите на криминалната група.
Понатаму вака прибавените банкарски податоци членовите на криминалната група ги користеле за неовластено префрлање на готови парични средства од сметки на странски физички лица на лица во Македонија преку различни сервиси за брз трансфер на пари. Имено користејќи ги украдените податоци од платежни картички, преку ВЕБ страната на Western Union, преку која е возможно да се испраќаат пари онлајн, ги искористувале тие податоци и од нив префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства, кои пак парите ги подигале лично на шалтерите на сервисите за брз трансфер на пари како и во банките кои ги нудат услугите за брз трансфер на пари, во прво време во земјава, а подоцна и во Косово.
Што се однесува пак до украдените банкарски податоци, истите ги користеле така што се најавувале на ВЕБ страните на банките каде што употребувајќи ги украдените податоци, и преку системот за онлајн трансакции си префрлале пари на свое име или на име на членовите од групата како и на другите лица задолжени за примање на нелегалните парични средства.
Притоа, најчесто се краделе податоци од клиенти на банки кои потекнуваат од Канада. На овој начин организираната криминална група се стекнала со имотна корист од 95.609 американски долари и 99.000 евра.
Врз основа на судски наредби ббил извршени претреси во домовите на членовите на криминалната група при што е пронајдена и одземена компјутерска опрема, лап топови, куќишта од персонални компјутери, надворешни хард дискови, usb-ња, повеќе мобилни телефони и сим картички.
Во домот на Р.П пронајден е еден гасен пиштол и десет гасни куршуми кои истиот ги поседувал без дозвола. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во домот на И.Т. и М.Т. пронајдени се вкупно 11 кесички со непозната растителна материја со зелена боја.