МВР со детали за тврдењата на граѓаните за фатени киднапери на деца

Вечерва се случуваше вистинска драма во скопската населба Шуто Оризари, откако изминатиов период кружеа гласини дека две лица со автомобил се обидуваат да украдат деца, жителите буквално седеле будни.

Вечерва лица со автомобил без регистрации  пристигнале во општината. Неофицијално, биле препознаени од еден жител кој пред некој ден буквално од нивни раце го земал детето на неговите соседи. Откако помислил дека ги препознал, почнал да вика и огромен број на жители се собрале веднаш околу осомничените, дознава КУРИР.

Жители на Шутка ја контактирале редакцијате во екот на напнатите случувања вечерва. Ни кажаа детали од случувањата изминативе денови и денес. Двете лица за кои има сомневање дека и вечерва дошле во општината за да киднапираат дете, биле држени од жителите додека да дојде полицијата. Првиот дел полицајци, не биле доволни да се справат со испаничените и револтирани родители, па дошло засилување.

Како што ни соопштија жителите, дури кога дошло многу полиција, двете лица биле извадени и однесени од толпата.

Кога полицијата ги заштити киднаперите од нас и ги повлече со нив, тука остана нивниот автомобил. Денес, како и минатите пати кога беа забележани овде, возеа џип без регистрација. Кога го отворивме автомобилот останавме во ужас. Внатре имаше само предни седишта. Задните беа извадени и таму најдовме лопата и копач, раскажа за КУРИР вознемирен жител од Шутка.

КУРИР веднаш побара став од Министерството за внатрешни работи.

Од МВР со сосема поинаква верзија на настанот:

-Денеска 28.01.2019 околу 17:20 часот на ул. Индира Ганди во Шуто Оризари малолетничка наводно видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Таа тоа му го кажала на возрасен маж, кој пријавил во полиција. Се собрала поголема група граѓани и во тој момент наишло возило во кое имало три лица, од кои двајца полициски службеници од ПС Чаир, кои не биле на работа. Насобраните ги нападнале лицата кои биле во возилото и тие се пренесени во болница за укажување на лекарска помош. До овој момент нема пријава за исчезната девојка од ниту едно семејство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за КУРИР.