МВР со детали за вооружената престрелка во Чаир – еден убиен, двајца ранети и четворица уапсени

Еден убиен, двајца ранети и четворица уапсени по синоќешната вооружена престрелка во Топанско Поле. Неофицијално, во престрелката учествувале роднини.

Според информации на Министерството за внатрешни работи околу полноќ добиле пријава од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.

-По преземени мерки било утврдено дека тие претходно учествувале во вооружена престрелка на подрачјето на Чаир. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. Исто така, по преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје, првично соопштува МВР.

Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.