МВР: Со вештачењата не е констатирано присуство на токсична материја во гостиварското училиште

МВР целосно ги заврши сите анализи и вештачења коишто ги правеше по налог на надлежниот јавен обвинител и во извршените анализи и вештачења не може да се констатира присуство на никаква токсична материја во Средното економско училиште во Гостивар.

Како што изјави за МИА, портпаролот на МВР Иво Котевски, веднаш по пријавувањето на настанот на 14. февруари, во координација со надлежниот јавен обвинител биле преземени сите неопходни мерки и активности за истражување на случајот, за пријавувањето на сиптоми на труење кај поголем број на учениции наставници од училиштето.

„Беа извршени службени разговори со поголем број ученици и наставници присутни во времето кое беше посочено кога е почуствувана интензивната миризба во холот на училиштето, а исто така снимки од безбедносниот видео надзор беа детално проверени од МВР и доставени до надлежниот јавен обвинител. Ниту од извршените разговори, ниту пак од проверените снимени материјали не можеше да се извлече заклучок дека во училиштето се случило било што сомнително или несекојдневно вклучувајќи и активирање на каква било направа која би испуштила некаква токсична материја во воздухот“, рече Котевски.

Освен овие мерки и активности, посочи тој, МВР одзеде облека од четири ученички односно џемпер, тексас кошула, шамија и кошула и црна блуза, облека која што ја носеле ученичките во посоченото време и на посоченото место. По барање на полицијата од Гостивар, бил извршен и увид во училиштето, а биле подигнати брисеви за анализа од ѕидовите во соблекувалната и ходникот, како и од стаклата на прозорите и вратите на ходникот кој што води од соблекувалната кон излезот.

„Со примена на инструментот гасно басен сепектрометар беше извршена анализа на материјалот екстрахиран од доставената облека и од брисовите подигнати од местото на настанот. Врз основа на извршените испитувања на подигнатите брисеви и доставената облека земена од ученичките не се добиени конклузивни резултати коишто би укажале на присуство на некаква непозната токсична материја. Воедно, во просторот на соблекувалната и ходникот којшто води од соблекувалната кон излезот беше извршено испитување за детекција на гасови како што се метанот и пропан бутанот со употреба на гасни детектори. Врз основа и на овие извршени исто така не беше констатирано присуство на метан и пропан бутан во наведениот простор од училиштето“, појасни помошник министерот во МВР, Котевски.

Сите резултати од извршените анализи и вештачења во секторот и Одделот за крим техника во МВР веќе се доставени до надлежниот јавен обвинител од гостиварското Јавно обвинителство.

„МВР и гостиварската полиција, останува во контакт и координација со надлежниот јавен обвинител така што му стоиме и во иднина на располагање доколку се неопходни какви било дополнителни проверки и анализи или истражни дејствија за целосно затворање на случајот односно затворање на истрагата“, изјави Котевски.