МВР вчера издаде 321 потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил во Македонија на странски државјани кои илегално влегле на територија на земјава.
Речиси 30.000 издадени потврди за една недела
Во текот на минатата недела МВР издало потврди на вкупно 20.926 странски државјани, од кои, 15.236 се мажи, 2.775 се жени, 2.723 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 192 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, пренесува МИА.
Потврди во најголем број земале Сиријци
Според државјанството на мигрантите на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија и тоа 15.534, потоа од Авганистан 1.585, од Ирак 1.194, Пакистан 676, Сомалија 456, од Палестина 400, Конго 277, од Камерун 124, додека останатите се во помал број.
41 барање за азил од почетокот на издавањето потврди
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 28.07.2015 година до Одделението за азил се поднесени 41 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 31 барања се од државјани на Сирија за азил од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во Прифатниот центар 20 баратели на азил
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 28.07.2015 година се евидентирани вкупно 20 баратели на азил, од кои 11 баратели на азил се мажи, 2 баратели на азил се жени и 7 баратели на азил се малолетни лица.
Изменет законот за азил
Собранието на 18. јуни ги изгласа Измените во Законот за азил во земјава. Измените на Законот за азил и привремена заштита меѓу другото предвидува регуларен престој на мигрант од 72 часа по што ќе мора да ја напушти земјава или да побара азил.
Со Законот се предвидува странецот на граничен премин или во внатрешноста на земјата да може усно или писмено пред овластен полициски службеник да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил по што полицискиот службеник ќе треба да изврши евиденција на странецот, да го информира и да го упати дека во рок од 72 часа може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи.
Стотици мигранти секојдневно се обидуват да влезат во земјава.