МЗ: Матичните за 7 дена препишале над 5.400 рецепти за хронична терапија

Министерството за здравство ја информира јавноста дека за една седмица, со помош на реформската мерка во примарната здравствена заштита, 2.443 хронично болни пациенти посетиле матичен лекар и биле издадени 5.412 рецепти за хронична терапија.

Во рамки на новините во примарната здравствена заштита, МЗ овозможи терапијата која ја препишуваа специјалисти, сега да ја препишуваат матичните лекари.
Станува збор за суштинска новина со која се унапредува процесот на обезбедување здравствени услуги за пациентите и за здравствените работници.

За таа цел е донесен нов правилник, со кој се опфатени пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, кои сега наместо кај лекар специјалист, хроничната терапија ја добиваат кај својот матичен лекар во местото на живеење.

Во тек се подготовките и за воведување на новите лабораториски испитувања, со кои на матичните лекари ќе им овозможиме да ја зајакнат нивната улога и во дијагностичка насока.
Со оваа реформска мерка се зајакнува улогата и важноста на матичните лекари во здравствениот систем, а воедно се олеснува административниот товар и се намалува притисокот врз секундарното и терциерното здравство, а за тоа сведочат и бројот на пациенти и рецепти препишани кај матичен лекар за една недела.