МЗ: Сите граѓани кои изразија желба ќе се вакцинираат, има доволно вакцини

Министерството за здравство информира дека националниот систем „Мој термин“ и во текот на денешниот ден испраќа известувања до граѓаните кои се пријавени за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk.

„Термини за вакцинирање се креираа синоќа до 22 часот. Како не би се вознемирувале граѓаните доцна во ноќта со испраќање пораки, тие се испраќаат и во текот на денот. Освен известување на мобилен телефон, граѓаните може известување да добијат и на нивната е-меил адреса, а може да проверат за термин и на vakcinacija.mk, се наведува во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека сите граѓани кои изразиле желба за вакцинација ќе се вакцинираат и додаваат дека процесот оди многу брзо и оти располагаат и со голем број вакцини.

„Периодов ќе пристигнуваат дополнителните пратки вакцини кои ги купивме во директни преговори со „Фајзер“, „Спутник В“, како и вакцини преку Ковакс механизмот“, се додава во соопштението.