Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека годинава на Конкурсот за доделување на средства согласно Програмата за инвестиции во животна средина за 2021г. пристигнати се 335 апликации во делот за финансирање на проекти на граѓански здруженија, а од нив се успешни 108 апликанти. По изразениот сомнеж за можен судир на интереси со една од избраните граѓански организации при донесување на Одлуката за доделување на средствата, МЖСПП веднаш ја задолжи Комисијата за избор да изврши проверка на листата на успешни апликации со цел спречување на евентуална поврзаност со актуелни вработени и функционери во Министерството.
Комисијата во моментов ги ревидира селектираните апликанти и со оглед на тоа што се уште не е потпишан ниту еден Договор за доделување на средствата, доколку се наиде на судир на интерес со некое здружение на граѓани, истото ќе биде исклучено од Одлуката за избор и ќе се пристапи кон нејзина измена.
МЖСПП, исто така, би сакало да истакне дека постапката за вршење на избор на успешни апликации, која се одвива на ист начин во изминатите 13 години, се спроведува од страна на Комисија со 5 членови од редот на вработените во МЖСПП, при што тие на увид ги добиваат и разгледуваат Статутот и Решение од Централен регистар за секое здружение кое аплицирало.
Заради заштита на Комисијата која не е во можност да ги истражува историјатите и поврзаноста на членовите на здруженијата на граѓани со евентуални вработени во МЖСПП при толкав голем број на поднесени апликации и засегнати лица, и избегнување на случаи на судир на интерес, МЖСПП исто така ќе пристапи кон дополнување на потребните документи за селекција во постапката, при што ќе побара вклучување на Изјава за непостоење на судир на интерес во сите идни повици.