Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се во постојана комуникација и договор со индивидуалните производители на тутун, легитимните Здруженија на тутунопроизводителите и откупните претпријатија и ги преземаат сите неопходни мерки за нормално спроведување на откупот на тутун, стои во реакцијата на ресорното Министерството, по повод денешниот протест на земјоделците од струмичкиот регион.
„Динамиката за откупот на тутун се интензивира. Компаниите се задолжени идниот месец да вршат интензивен откуп, и за време на викендите, со загарантирана минимална количина по вага, не по пункт. Со ова сакаме да влееме сигурност кај производителите, дека навистина внимаваме на нив“, стои во соопштението од МЗШВ.
Од Министерството наведуваат дека средбите со менаџерите и директорите на откупните компании се одржуваат редовно, на неделно ниво, понекогаш и почесто.
„Оваа Влада, веќе пет години наназад исплаќа по 60 денари за килограм произведен и предаден тутун. Од 15 декември, кога почна редовниот откуп, преземени се 17.850 милиони килограми ориентален ситнолистен тутун, што е 58 отсто од вкупниот род. Останува за откуп уште помалку од половина од реколтата. Просечната откупна цена е 154 денари за килограм“, се вели во соопштението од МЗШВ.