![download](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/01/download4.jpg?resize=284%2C160&ssl=1)
Тимот на МЗТ Скопје Аеродром вечерва го пречекува Партизан во натпревар од АБА лигата на кој се очекува полна сала и празник на кошарката.
„Металците“ веруваат дека триумф над „црно-белите“ ќе ги „лансира“ кон средината на табелата и ќе им ја зголеми самодовербата пред наредниот период. Домашните ќе се водат по паролата „Срце на терен“, а ако играат така, навивачите ќе знаат да го препознаат тоа и ќе им дадат уште поголема поддршка со што шансите за триумф би биле поголеми. МЗТ сезонава уште нема победа против некоја од екипите од горната третина на табелата, можеби таа црна серија ќе биде прекината вечерва против Партизан.
„Јасно е дека ова е важен меч за двата тима. Нив им треба за плејоф, нам за да фатиме приклучок кон средината на табелата и за враќање на самодовербата. Ветувам пожртвувана игра, свесни сме оти имаат физички силни индивидуалци и ние на нивната цврста игра мора да одговориме на ист начин. Здравствениот билтен не ни е на завидно ниво, Николовски се жали на повреда, на тренираше и Класен, нивниот настап е неизвесен, но сите што ќе играат, ќе дадат сè од себе. Со поддршка од трибините, Партизан загуби во `Борис Трајковски`, ги совладавме и во Белград, сега на ред е да славиме против нив и во Аеродром“ – најавува тренерот Александар Јончевски.
Извор: Македонски спорт