МЗТ Скопје без напори го совлада Куманово

ФОТО/ mztskopjeaerodrom.mk

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром очекувано лесно и убедливо славеше во вторникот на домашен терен против Куманово 86:72, во заостанатиот натпревар од домашниот шампионат.

К.К Куманово парираше само во првата четвртина, што гостите ја отворија со предност од 2:6, завршувајќи ги стартните десет минути со израмнети 17:17. МЗТ Скопје за првпат влезе во серија во втората четвртина, одлепувајќи се на „плус осум“ пред Куманово да намали на 36:30 со поените на Ален, резултат со кој се замина на одмор.

Како решавачка се покажа третата четвртина, во која актуелниот шампион целосно доминираше, добивајќи ја со 29:15 и трасирајќи си го патот до победата. Последните десет минути беа само рутина за избраниците на Петровиќ, кои знаеја како да ја задржат удобната предност, претворајќи ја во убедлива победа изразена со конечни „плус четиринаесет“.

Сите дванаесет кошаркари на МЗТ се впишаа меѓу стрелците на овој натпревар, а најефикасни беа Дамјан со 12 и Војдан Стојановски, Пандев и Миќовиќ со по 10 поени. Американецот Ален со 20 поени беше прв стрелец на Куманово при вечерашниот пораз во СЦ „Јане Сандански“.