Шампионот МЗТ Скопје резултатски лесно го реши Рабитнички со 19 коша разлика, триумф со 66-47 во веното дерби.
Вечното дерби на македонската кошарка, како и секогаш, донесе доста возбудувања, не баш висок квалитет на играта, и победа на фаворитот, макар бил и „на хартија“.
МЗТ Скопје Аеродром го потврди тој еитет и на теренот, во овој момент има поквалитетен, подолг ростер во однос на својот вечен опонент.
По нешто повеќе од пет минути игра, тренерот на Работнички, Димитар Мираковски мораше да реагира со тајм-аут. МЗТ Скопје преку В. Стојановски и Крстевски поведе со (11:3) откако направи серија од девет поени.
Веднаш донесе резултат…
Во две минути, „црвено-белите“ одговорија со осум поени по ред, за егал (11:11), и тајм-аут на другата страна. Работнички дури премина и во водство, пред серијата од (10-0) да ја прекине Крстевски, најдобрито играч на првакот во тој уводен дел од дербито во СРЦ „Кале“.
Опција плус гостите добија и со враќањето на репрезентативецот Адем Мекиќ, кој по подолга пауза се врати на теренот, токму за овој дерби-дуел на третото коло.
Гостите како почнаа, така и го затворија првиот квартал, со мини „брејк“ од (8-1) за солидни (19:14), пред првата мала пауза.
Разликата гостите двојно ја зголемија до средина на втората четвртина. По тројката на В. Стојановски веќе беше (29:19) за фаворитот во овој натпревар.
Впрочем, одлично, офанзивно гледано, функционираше репрезентативниот двоец, кој реализираше 21 од 34 поени за „сино-белите“ кои имаа и јависоки (34:21) во 18.минута. Кога помогна Пандев, со пет поени, шампионот беше доста далеку, имаше (39:22) на полувремето.
Звучи помалку и неверојатно, но вистинито, фактот дека во првите пет минути ид продолжението двете екипи реализираа само осум поени, по четири на двете страни за исто резултатско растојание, (43:26).
Домаќините се вратија со седум поени, доволни да намалат на (33:45), но Магдевски го одби тој напад, со тројка, со звукот на сирената, за комотни, (50:33) по третата одиграна четвртина, доста „сиромашна“, поентерски, се разбира…
Имаше екипата од Аеродром и плус 20, (59:39) во 34 минута од дербито, разлика, со оглед на постоечкиот квалитет, која се покажа како недостижна за Работнички, кој по три одиграни кола е без победа.
МЗТ Скопје Аеродром го „избриша“, макар и делумно, киксот со Гостивар, најави уште подобра форма во пресрет на следните предизвици кои ги има на двата фронта, домашниот и јадранскиот.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 3. КОЛО
Работнички – МЗТ Скопје Аеродром 47:66
Навико Академија ФМП – Пелистер 70:79
Струмица 2022 – Феникс 2010 98:92
Чаир 2030 – Еуро Никел 2005 74:73
Куманово 2009 – Кожув 92:78
Гостивар – ТФТ 90:83
ТАБЕЛА: Гостивар 6, Еуро Никел 2005 5, МЗТ Скопје Аеродром 5, Феникс 2010 5, Пелистер 5, Чаир 2030 5, Струмица 2022 4, Кожув 4, ТФТ 4, Куманово 2009 4, Навико Академија ФМП 4, Работнички 3;
ИДНО КОЛО (29.10)
Гостивар – Работнички
ТФТ – Еуро Никел 2005
МЗТ Скопје Аеродром – Навико Академија ФМП
Кожув – Чаир 2030
Пелистер – Струмица 2022
Феникс 2010 – Куманово 2009