Македонскиот кошаркарски првак, МЗТ Скопје Аеродром, со 92:82 славеше на гостувањето кај Динамик во Белград во регионалната втора јадранска лига, позната како АБА 2.
„Штрковите“ од Аеродром во првите 6-7 минути од последната четвртина ја направија клучната разлика, која знаеја да ја зачуваат до крај, и да ја прекинат мини-низата од два гостински порази. МЗТ даде 13 тројки од 24 обиди.
Хиндс со 22 поени 13 асистенции, беше предводник на МЗТ, додека двоцифрен број поени постигнаа уште Крстевски, Стојановски и Херис. Следниот настап на МЗТ во АБА 2 е на 4 декември, во „Јане Сандански“ против новакот во лигата, Нови Пазар.