МЗТ Скопје декласиран во Подгорица

МЗТ Скопје го забележа и вториот неуспех во АБА лигата, а виновник за тоа е тимот на Будуќност кој го совлада нашиот шампион со резултат 96:69.

Црногорците наметнаа темпо против кое беше пресилно за МЗТ Скопје, па така одбраната која го краси нашиот шампион овојпат воопшто не профункционира. Двоцифрената разлика која домашниот состав ја стекна на крајот на првата четвртина, континуирано ја зголемуваше се до самиот финиш на мечот.

МЗТ Скопје на овој меч играше и без грузиецот Ѓорѓи Цинцадзе кој поради болки во коленото не беше во можност да настапи на вечерашниот дуел.

Најефикасен во тимот од Аеродром беше Маринковиќ со 17 поени, а Цветковиќ со 13 и Класен и Демјуник со по 10 поени беа единствените покрај Маринковиќ кои се обидоа да сторат нешто повеќе.

Во тимот на Будуќност, Владимир Дашиќ беше најефикасен играч со 15 постигнати поени, Витковац и Планиниќ имаа по 14 поени, додека Суад Шеховиќ средбата ја заврши со 11 поени.

Следниот натпревар во рамките на АБАлигата МЗТ Скопје ќе го игра на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“, а го пречекува тимот на Шолнок.