Македонскиот шампион МЗТ Скопје – Аеродром ја забележа деветтата победа во Регионалната АБА лига, откако на домашен терен во СЦ Борис Трајковски славеше над Мега Визура со 80:72. „Металците“ одиграа квалитетен меч, го диктираа темпото во текот на сите 40 минути и сосема заслужено стигнаа до триумф, одмаздувајќи се на тој начин за поразот во првиот дел од сезоната.
Шеховиќ со 20 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, Синовец, Оташевиќ и Дамјан Стојановски постигнаа по десет, а Чековски осум поени во овој триумф на „металците“.
За “металците” следен предизвик е одбраната на трофејот во Купот на Македонија, по што на 15 февруари на програмата е 20. коло од АБА-лигата, во кое македонскиот шампион гостува во Словенија кај Крка, предводена од новиот македонски селектор Александар Џикиќ.