На 10 јануари треба да почне дебатата за интерпелациите за Меџити, Тошковски, Исени и Даути

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите истакна дека интерпелациите поденесени за првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Иљире Даути се очекува да бидат ставени на пленарната седница која би требало да биде свикана за 10 јануари следната година.

-Најавата е дека на почетокот на јануари ќе биде свикана првата седница и ќе биде околу тоа – интерпелациите. Очекуваме околу 10 јануари, но се уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловник. Ако има одговори, ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, а ако не ќе ги ставиме во дневен ред како што доаѓале. Така, што по Деловник ќе работиме. За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја, рече Гаши.

Спикерот на законодавниот дом потенцира дека интерпелациите немаат правна последица и егзекутивна моќ.

-Во однос на ефектот на интерпелациите, интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието, рече тој.