На 112 во последното деноноќие 1.792 повици, ЦУК апелира да не се палат стрништа и ниска вегетација

Во последното деноноќие на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи имало вкупно 1.792 повици. Од нив „реални“ повици биле 38,06 отсто, а 61,94 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Како што информираат утрово од ЦУК, кон полиција биле упатени 62,90 отсто, кон итната медицинска помош 33,06 отсто, а кон пожарникарите 3,23 отсто од реалните повици.

Пожарникарите од територијалните противпожарни единици од Радовиш, Прилеп, Гостивар и Куманово гаснеле запалена ниска вегетација и имале други помали интервенции на отворено на територијата на нивните општини.

Во текот на изминатото деноноќие и пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје имале три помали интервенции во градот и околината.

Центарот за управување со кризи апелира за превентивно дејствување против пожари, да не се палат стрништата и ниската вегетација во продолжениот викенд. Да се внимава од евентуални пожари и во населени места.

ЦУК апелира и за внимателно возење на повисоките места каде има снег и да не се вози по забранети патни правци на планините, како на пример преку Галичица.