Заврши периодот на бесплатната патарина за српските туристи во знак на благодарност за можноста македонските граѓани да се вакцинираат против Ковид-19 во Белград, Ниш и Врање. Според претходната одлука на Владата, српските возила кои транзитираа од 15 јуни до 15 август по Коридор 10 немаа обврска да плаќаат патна такса на наплатните пунктови, а наместо тоа на Табановце им беа доделувани смарт картички.
-Согласно Одлуката на Владата на РСМ за ослободување на возила на Српски туристи, од страна на Јавното Претпријатие за Државни патишта изготвени се 100.000 М-Смарт од кои реализирани се 83.959 М-Смарт (во периодот од 15 Јуни до 15 Август) со вкупна вредност од 72.204.740 денари. Вкупниот промет со овие вкалкулирани картички е 1.695.106.586 денари (рекорден приход од постоење на Наплатна Служба) со што има зголемување на прометот од 12% во однос на истиот период во 2019 година (рекордна година до сега)“, велат од центарот за наплата на јавното претпријатие „Државни патишта“ за „Фактор.мк“