На 5-ти септември кошаркарски спектакл во чест на Дражен Петровиќ

Меморијалниот натпревар во спомен на покојната кошаркарска ѕвезда Дражен Петровиќ ќе се одигра во четврток на 5-ти септември во „Арена Загреб“ по повод 60-от роденден на еден од најпопуларните кошаркари во историјата, а силите ќе ги одмерат актуелната хрватска и европската репрезентација.

За помалку од дваесет дена, милиони љубители на кошарката и на хрватскиот виртуоз Дражен Петровиќ повторно ќе му оддадат почит на големиот човек чие наследство инспирира нови и нови генерации спортисти и сите нас.

Трите актуелни хрватски НБА ѕвезди Бојан Богдановиќ, Дарио Шариќ и Ивица Зубац лично ќе сведочат колку им значел Дражен со доаѓањето и учеството во богатата програма.

Покрај спортскиот аспект, овој натпревар има и културна вредност бидејќи го слави животот и наследството на Дражен Петровиќ, чие име останува синоним за извонреден талент, посветеност и инспирација. Севкупно, овој натпревар ќе биде не само спортски настан, туку и можност за заедничко паметење, како и можност за промоција на вредноста на кошарката и спортот воопшто, најавуваат организаторите.