а нашиот државен празник, на 8 септември, во Брисел првпат ќе биде отворена дебата околу една верзија на предлог-преговарачката рамка со ЕУ, која ќе ја претстави германското претседателство, најави вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
„Планот на Берлин е овој процес да финишира во последниот месец од оваа година, очекувањата на германското претседателство се првата меѓувладина седница да се случи во декември“, рече Димитров за стартот на преговорите со ЕУ.
Димитров како нов вицепремиер за европски прашања и прв човек на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) денеска одржа прес-конференција со неговиот претходник на таа функција и наследник во Министерството за надворешни работи (МНР), Бујар Османи.
Османи досега беше главен политички преговарач со ЕУ, но со оглед на рокадата со ресорите, сега таа улога ќе ја има Димитров, а извесно е дека ќе има и нов технички преговарач бидејќи досегашниот Бојан Маричиќ стана министер за правда. Меѓутоа, Димитров засега не сакаше да коментира околу тимовите кои ќе ги водат преговорите со Унијата.
„Релативно е рано да се зборува за имиња, структурата на преговарачките тимови е добра, на тоа главно досега работеа Османи и Маричиќ. Во меѓувреме, има нова методологија и има зошто да ги преразгледаме тимовите и структурата и ќе донесеме навремени одлуки. Првиот фокус мора да биде да ги почнеме преговорите и да ја одржиме првата меѓувладина конференција како прв конкретен чекор кој го означува стартот на преговорите“, рече Димитров.
И Османи, како еден од главните предизвици пред себе, го гледа формализирањето на почетокот на преговорите.
И двајцата не очекуваат дека Бугарија ќе биде пречка на европскиот пат за земјава. Димитров порача дека прашањето за самоизјаснување во однос на македонскиот народ и Македонци кои зборуваат македонски јазик не треба да се оспорува и оти за нас тоа прашање е затворено.
Османи, пак, рече дека не очекува пречки и најави оти одржувањето на добрососедските односи и со Бугарија и со Грција се високо во неговата агенда како министер за надворешни работи.
„Стабилна и перспективна Република Северна Македонија е предуслов за стабилен и перспективен регион, така што не гледам интерес Бугарија да го спречи тоа. Двете земји имаат доволно апсорпциски капацитети да решаваат дневни амплитуди на разлики“, рече Османи.