На Ахмети не му се слуша за коалиција СДСМ-БЕСА-ДПА

Меѓу високи функционери на СДСМ, но и на БЕСА и ДПА веќе отворено се зборува за заеднички настап на трите партии на предвремените избори на 12-ти април. Иако засега нема официјална потврда за преговори и средби меѓу партиските лидери, опцијата не ја отфрла ниту една од страните.

Политичките аналитичари сметаат дека со ваква коалиција СДСМ прави обид да ја исфрли од комбинација ДУИ за влез во владата која што би се формирала по изборите.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска прашан дали се согласува со ваквите толкувања на политичките аналитичари околу можното коалицирање на неговиот актуелниот владин партнер со двете албански партии не беше многу расположен да коментира.

„Не знам ништо околу тоа“, кратко одговори лидерот на интегративците на прашање за трипартиската коалиција која што ја „крои“ СДСМ.

Според аналитичарите, со ваквата коалиција би се обезбедиле доволно поддршка од пратеници Албанци со што и доколку ДУИ е победник во албанскиот блок не би било неопходно да бидат земени за партнер во Владата. Но, сметаат дека ваквата игра на СДСМ е сепак меч со две острици доколку резултатите од овие избори бидат слични со оние од 2016-година. При речиси изедначен број на пратеници меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, поради ваквата коалиција на социјалдемократите ДУИ дефинитивно би избрале да формираат Влада со партијата која сега ја предводи Христијан Мицкоски.

Вицепремиерот Бујар Османи денеска вели дека сите бројки укажуваат на тоа дека ДУИ и по овие избори ќе има најголем број албански пратеници во Собранието.

 

 

 

 

 

 

 

„Мислам дека една грешка е направена 2006/ 2008 кога во Влада влезе партија која не ја претставува волјата на Албанците и тоа предизвика длабока политичка криза и брзи избори. Бидејќи системот после Рамковниот договор не препознава поинакво претставување освен на тој што ја преставува волјата на Албанците. Имаме избори пред нас ние сме убедени дека ДУИ ќе извои една од најголемите победи во својата историја, но ќе биде тешка битка тоа можам да кажам но ние сме спремни за такво нешто“, вели Османи уште еднаш истакнувајќи дека партијата очекува по изборите да се почитува принципот на „победник со победник“  иако самите ДУИ го прекршија по изборите во 2016 кога коалицираат со СДСМ иако ВМРО ДПМНЕ освои повеќе пратеници и беше победник во македонскиот блок.

Инаку, денеска предизборната коалиција ја официјализираат  Алијанса за Албанците и Алтернатива. И овој здружување на силите на Зијадин Села и Африм Гаши има за цел уривање на ДУИ од власт.