На аукција одат гитарите на фронтменот на Dire Straits, Марк Нопфлер

Британскиот музичар и поранешен фронтмен на бендот Dire Straits, Марк Нопфлер, продава голем дел од својата колекција гитари на наддавање во Лондон, а дел од приходите ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Колекцијата, која вклучува некои од најзначајните гитари од 50-годишната кариера на Нопфлер, е изложена во аукциската куќа Christie’s пред продажбата на 31-ви јануари.

„Тоа е прекрасна колекција од 122 предмети на Марк Нопфлер што ја опфаќа целата негова кариера…“, изјави за Reuters Кери Кин, стручен советник за музички инструменти на аукциската куќа.

Црвената гитара „Schecter Telecaster“ од 1983 година користена за снимањето на хитот на Dire Straits и вклучена во придружното музичко видео за „Walk of Life“ се проценува на 4.000 до 6.000 фунти (4.669 до 7.000 евра).

Реизданието на гитарата „Gibson Les Paul Standard ’59“ од 1983 година, користена за песната „Money for Nothing“ кој го содржи еден од најпознатите гитарски рифови на Нопфлер, се проценува на 6.000 до 8.000 фунти.

Од Christie’s велат дека оригиналната верзија на „Gibson Les Paul“ од 1959 година, користена од Нопфлер за настапи во 2000-те години, најверојатно ќе ја достигне највисоката цена на аукцијата, со проценка од 300.000 до 500.000 фунти.

„Тоа е навистина посебен винтиџ инструмент кој е многу вреден самиот посебе, и без врската со Марк Нопфлер“, вели Амелија Вокер, специјалист за приватни и култни колекции на аукциската куќа, која се занимава со продажбата.

За обожавателите на Dire Straits кои немаат толку пари, има и други предмети, вклучувајќи балалајка проценета на 300 до 500 фунти.