Сан Франциско е град со фрустрирачки скапи казни за паркирање, но следниот месец, жителите можеби ќе имаат шанса да потрошат 650.000 долари на убавите зборови посветени на контролорка на паркирањето.
Страница од тетратка со рачно напишани стихови на Пол Маккартни за нумерата „Lovely Rita“ на The Beatles ќе биде достапна на продажба во февруари на Меѓународниот саем за антиквитети во Калифорнија, кој ќе се одржи од 9-ти до 11-ти февруари во Сан Франциско.
Нумерата, која е од Б-страната на најпознатиот албум на The Beatles – „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“, е весела љубовна песна за измислена жена контролка на паркиралиште која нараторот ја среќава додека таа дели казни.
Реткото парче од историјата на славната ливeрпулска четворка е проценетана повеќе од половина милион долари. Тоа е првиот нацрт на текстот на песната, според веб-страницата на Biblioctopus Rare Books, компанијата што ја продава страницата.
Стиховите се напишани со молив на лист обложена хартија, откинат од тетратка врзана со спирала. Видливи се вкрстени зборови, коментари и алтернативни изрази. Се продава во рамка, заедно со насловната страница на албумот „Sgt. Pepper..“.
„Вакви работи не се појавуваат на пазарот толку често, а кога се појавуваат, тие не се секогаш толку значајни“, вели Сјузан Бене, која ја предводи организацијата којашто стои зад настанот во февруари, Здружението на антикварни книжарници на Америка (Antiquarian Booksellers’ Association of America – ABAA).
Меѓународниот саем за антикварници во Калифорнија е годишна изложба на ретки и стари книги, мапи, ракописи и фотографии.