Страв и паника владее во истражниот затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, откако во средата вечерта беше забележан вториот смртен случај на затвореник за само една седмица.
Иако од затворот информира дека починатиот 23-тодишник од Гостивар кој во притворот бил од средината на ланскиот декември бил наркозависник, затвореник во вечерниот дневник на Сител телевизија изјави дека починатото лице било во изолација бидејќи претходно бил сместен во иста соба со затвореникот којшто почина од корона вирус.
Додаде дека надлежните органи лажат дека им било извршено тестирање, додавајќи дека им била измерена само температура. Соговорникот на телевизијата рече дека затворениците најавуваат протест, кој од другата страна на затворот ќе го поддржат и нивните семејства.
„Во затворот нема никакви услови. Значи за една недела умираат двајца затвореници, а вечерва дури хитно се вадат луѓе кои што се болни од корона вирус. Во крилото каде што умре денеска нашиот другар кој што лежеше затвор е вп исто крило каде што умре претходниот, значи уште има луѓе таму. Овој што умре денеска беше во карантин изолиран во соба затоа што спиел со тој поранешниот. Имаме страв и се плашиме многу за нашето здравје. Ни немаат земено тестови за Ковид 19, значи се е лага, ни имаат измерено само температура. Ако утре до 12 часот нема одговор од нивна страна, цел затвор од Шутка, сите затвореноцо сме сложни значи веднаш стануваме и тргнуваме до влезната бела капија и ќе протестираме. Значи најавуваме мирни протести а од другата страна и нашите семејства ќе бидат повикани бидејќи и тие се исплашени“, рече еден од затворениците.