
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утре во Брисел ќе се сретне со специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, информира денеска заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер.
Средбата првично беше предвидена за денеска, но таа е презакажана за утре, поради, како што нагласи Де Керсмакер, други ангажмани, додавајќи дека за вечерва е предвидено Келог да се сретне со еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус.
Запрашан дали евентуално е договорена средба на Фон дер Лајен со американскиот претседател Доналд Трамп, Де Керсмакер изјави дека засега нема нови елементи околу ова прашање.
– Знаете дека во тек се контакти на техничко ниво и на политичко нив од двете страни на Атлантикот и тие продолжуваат, додаде Де Керсмакер.
Инаку, попладнево Фон дер Лајен ќе учествува на неформалната средба во Париз на неколку европски лидери посветена на Украина и безбедноста на Европа, чиј домаќин е францускиот претседател Емануел Макрон.
На прашање што ќе биде темата на средбата во Париз, Де Керсмакер одговори дека тоа ќе бидат важни разговори за безбедноста на Европската Унија и на Украина, посочувајќи на пораките што Фон дер Лајен ги упати во обраќањето на 61. Минхенска безбедносна конференција.
– Таа се осврна на важноста на одбраната, давајќи неколку предлози за да обезбедиме зајакнување на нашата одбрана, па би ве поканил уште еднаш да ги погледнете овие важни пораки. Не сум во можност да предвидам што ќе се дискутира во Париз, изјави Де Керсмакер.
Запрашан, како го коментира тоа што Фон дер Лајен одржува средба само со шестмина лидери на земји членки на ЕУ, а не со сите 27, Де Керсмакер истакна дека состанокот го организира претседателот Макрон.
– Овој состанок е за важни прашања за Украина и за безбедноста во Европа. Дефинитивно немаме намера да ги исклучиме другите и по ова ќе следат неколку други состаноци, рече Де Керсмакер.
Според најавата на Елисејската палата, покрај Макрон и Фон дер Лајен на неформалната средба во Париз ќе присуствуваат и лидерите на Велика Британија, Германија, Данска, Италија, Полска, Холандија и Шпанија, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.