Најавени законски измени во врска со случајот „Јавна соба“

Во саботата беа презентирани законски измени подготвени од Министерството за правда во кои ќе биде додаден термин „Демнење“, со што ќе биде воведено и ново дело кое ќе биде дополнителна заштита, соопшти Министерството за правда.

Соопштението доаѓа откако министерот за правда Бојан Маричиќ денеска се сретна со една од девојките жртви на групата „Јавна соба“, на која ѝ честитал на храброста да проговори јавно за „нејзините премрежја“ и за нејзиниот јавен настап кој предизвикал „силна“ општествена реакција, наведува Министерството за правда.

Измени на Кривичниот законик беа најавени, откако групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм предизвика бројни реакции во јавноста.

Случајот повторно се актуелизираше деновиве, бидејќи беше обелоденето дека на социјалната мрежа над 5.600 членови во групата споделуваат експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки.

МВР ја затвори групата, но соопшти дека во меѓувреме следи слична група на социјалната мрежа.