На Бадник папата изрази жалење за „залудната“ војна во Светата земја

Во неделата на Бадник, според Грегоријанскиот календар, поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск изрази жалење што пораката на Исус за мир се замолќува со „залудната логика на војната“ во самата земја каде што е роден Христос.

Одбележувајќи го 11-тиот Божик на својот понтификат, папата ја водеше свечената литургија на Бадник во базиликата на свети Петар, каде во својата проповед зборуваше за конфликтот во Светата земја.

„Вечерва нашите срца се во Витлеем, каде што принцот на мирот повторно е отфрлен од залудната логика на војната, со вооружен судир кој и денес го спречува да најде место во светот“, рече Франциск.

86-годишниот поглавар на Католичката црква зборуваше неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека изралската војска ќе продира подлабоко во Појасот Газа, откако викендот беа убиени 15 израелски војници.

Палестинскиот министер за туризам Рула Маајах во градот каде што е роден Исус рече: „Витлеем го слави Божик со тага и жалост поради она што се случува во Газа и на целиот Западен брег, на сите палестински територии“.

На папската литургија за 6.500 луѓе во базиликата на свети Петар и уште повеќе кои ја следеа литургијата на екранот пред базиликата, папата Франциск рече дека вистинската порака на Божик е мирот и љубовта, повикувајќи ги луѓето да не бидат опседнати со световниот успех и „идолопоклонството на консумеризмот“.

Зборуваше за „премногу човечка карактеристика што се провлекува низ историјата: потрагата по световната моќ и сила, раскош и слава, којашто мери сè со успех, резултати, бројки и суми, свет премногу опседнат со достигнувања“.

Папата рече и дека иако на многумина им е тешко да го прослават Божик во „овој свет кој е толку осудувачки и безмилосен“, треба да се сетат што се случило на првиот Божик. „Вечерва љубовта ја менува историјата“, рече Франциск.

Папата во неколку наврати повика на прекин на конфликтот во Газа и побара ослободување на сите заложници кои ги држат палестинските милитантни групи.

Хамас и Исламски џихад, организации кои не го прознаваат ветија дека ќе го уништат Израел, се верува дека сè уште држат повеќе од 100 заложници од 240-те што ги заробија за време на нивниот напад на 7 октомври врз јужен Израел, во кој загинаа 1.200 луѓе.

Израел оттогаш започна опсада на Појасот Газа и ја опустоши енклавата, убивајќи повеќе од 20.400 луѓе, од кои најмалку третина се деца и малолетници, според властите во Газа каде што на власт по изборите од 2006 година е Хамас. Се верува дека под урнатините сѐ уште има неколку илјади мртви. Огромното мнозинство од 2,3 милиони жители на Газа се протерани од своите домови, а Обединетите нации велат дека условите се катастрофални.

Во понеделник напладне, Папата ќе ја испрати својата божиќна порака „Urbi et Orbi“ (до градот и светот).