Руско-израелскиот милијардер Роман Абрамович престојува во Белорусија на барање на Киев, со цел да помогне во преговорите меѓу Русија и Украина за ставање крај на конфликтот. Абрамович, сопственикот на лондонскиот фудбалски клуб Челзи, бил побаран од Украинците да помогне и тој отпатувал за Белорусија за да учествува во дискусиите, објави израелскиот весник „Џерузалим пост“.
Делегации на Русија и на Украина пристигнаа во белорускиот пограничен град Гомел и започнаа преговори со цел да се најде начин да се прекинат борбите во Украина.
Абрамович има блиски врски со еврејските заедници во Украина и Русија.
Амбасадорот на Украина во Израел, Јевхен Корничук, не сакаше да го коментира конкретно учеството на Абрамович во преговорите, нагласувајјќи само дека Киев „го цени секој што може да помогне, доколку има доволно влијание“.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави во неделата дека неговата влада и натаму е „умерена и одговорна“ во поглед на судирот кој ги тестира врските на Израел со Русија и со Украина, а во разговорот со рускиот претседател Владимир Путин понудил посредништво во напорите за прекин на огнот во Украина.
Израел е внимателен во поглед на односите со Русија, посебно поради соседна Сирија, каде што има воена моќ и никогаш таму испорачаните руски противоздушни системи не реагираа на израелските воздушни напади врз ирански цели.
Покрај тоа во Израел, живеат стотици илјади рускојазични мигранти од Русија, Украина и Молдавија кои се доселија по распадот на Советскиот сојуз. Исто така, води сметка за благосостојбата на еврејските заедници кои во Русија имаат своја автономна република а во Украина сепак останаа и покрај страувањата од неонацистите чија цел биле во Втората светска војна.