На берзите во Европа и Азија се тргува претпазливо со благ раст на индексите

На европските берзи во петок претпладнето се тргува внимателно, со благ пораст на индексите, а по божикните празници сѐ уште нема вести кои битно би можеле да влијаат врз насоката на пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претладневниот пресек од тргувањето порасна за 0,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс се лизна 0,03 отсто, на 8.135 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,10 отсто, на 19.866 поени, а париски CAC 0,32 отсто, на 7.305 поени.

Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции порасна за 0,2 отсто во истиот временски пресек од тргувањето како и во Европа, така што е на пат да добие околу 9 отсто оваа година.

Претладнево на токиската берза индексот Nikkei порасна за 1,8 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,5 отсто. Во Хонгконг и Јужна Кореја шегите се меѓу 0,1 и 0,8 отсто.

Растот на Nikkei индексот, меѓу другото, е и благодарение на прифаќањето на државниот буџет за следната година во износ од 732 милијарди евра, што е за 2,6 отсто поголем од овогодинешниот буџет.

Утринава беше објавено и дека инфлацијата во Токио, која вообичаено добро го одразува трендот во другите делови на земјата, се зголеми на 3 отсто во ноември, од 2,6 отсто еден месец порано. Стапката на невработеност во Јапонија, пак, во ноември остана непроменета на месечна основа и изнесува 2,5 отсто.

Во Кина, пак, беше објавено дека заработката на компаниите од индустрискиот сектор паднала четврти месец по ред, за 7,3 отсто на годишна основа. Ова е нешто поблаг пад на заработката од пред еден месец, па овој податок ги поддржа надежите дека стимулативните фискални и монетарни мерки почнуваат да даваат резултати.