![nova godina domasna zabava](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/12/nova-godina-domasna-zabava.jpeg?resize=696%2C463&ssl=1)
Граѓаните ќе можат на бесплатна телефонска линија да пријават недозволени забави и собирања на повеќе од четири лица. МВР почнува со проектот за бесплатна телефонска линија и тоа неспоредно пред новогодишните празници.
Ова денеска го најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостувањето во Утрински брифинг на Слободна ТВ.
-Денеска ќе излеземе со еден проект за бесплатен телефонски број, анонимен, и повикувам секој еден граѓанин да помогне и да биде партнер во спречувањето на ширењето на вирусот и таму каде што ќе има организирани настани и прослави да извести на тој телефонски, анонимен број, истакна Спасовски.
Тој најави поригорозни контроли за празниците во насока на почитување на мерките за заштита од ширење на коронавирусот.
-Сакам да им се заблагодарам на граѓаните кои ги почитуваат мерките, но за жал имаме и себични граѓани. Затоа активно работиме на терен и зголемен е интензитетот во контролата на мерките и тоа дава резултати. Сега се денови на празници кога граѓаните се навикнати на собирање и дружби и се работи на детектирање на оние кои не ги почитуваат мерките. Секојдневно имаме случаи кога се растураат забави кои и одредени групи ги права и тоа не го правиме само по дојави, туку врз основа на планови и активности, рече Спасовски.