На Боки 13 повторно ќе му се суди за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски познат како Боки 13 и уште тројца обвинети во случајот „Меѓународен сојуз“ повторно ќе седнат на обвинителна клупа откако Апелацискиот суд Скопје денеска соопшти дека делумно ја укинал првостепената пресуда и го вратил предметот на повторно судење во скопскиот Основен кривичен суд.
Како што соопштија од Апелација, Судот ги уважил жалбите на Бојан Јовановски, Јасна Ерцеговиќ, Христина Блажевска, таткото на Боки 13, Миле Јовановски, и на правното лице „Меѓународен сојуз“ на првостепената пресуда.

Истовремено второстепениот суд донел одлука со која ја потврдил првостепената ослободителна пресуда за поранешната пратеничка и поранешна висока функционерка на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски, која беше обвинета во случајот за измама.

Апелација ја потврди и ослободителната пресуда за Христина Блажевска за кривичното дело измама, но таа повторно ќе се најде на обвинителна клупа во Кривичен за другото дело кое ѝ се става на товар – помагање при перење пари и други приноси од казниво дело.

Со првостепената пресуда Блажевска за ова кривично дело беше осудена на една година затвор.

Инаку, највисока казна според сега укинатата првостепена пресуда во случајот доби Бојан Јовановски, кој беше осуден на вкупно девет години затвор за кривичните дела измама и перење пари.

На една од јавните седници на Апелацискиот суд на кој обвинетите и нивните бранители ги изнесоа жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд, првообвинетиот Бојан Јовановски побара да добие фер судење во кое ќе ја докаже својата невиност, а рече дека ќе биде задоволен и со мериторна ослободителна пресуда на второстепениот суд.

Според одлуката на Апелација, Миле Јовановски, таткото на Боки 13, ќе треба да одлежи казна затвор од една година за кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Сепак нему, според соопштението на Апелација. повторно ќе му се суди за делото помагање при перење пари и други приноси од казниво дело.

„Апелацискиот суд Скопје, со решение ги уважи жалбите на обвинетите Б.Ј., Ј.Е., Х.Б. и обвинетото правно лице М.С., сите од С. и по повод жалбите и по службена должност пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.49/20 од 07.04.2022 година под став I од изреката по однос на обвинетиот Б. Ј. од С., за кривично дело Измама од чл.247 ст.4 в.в. ст.1 и в.в со чл.45 од Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 од Кривичниот законик, обвинетата Ј. Е. од С., за кривично дело Измама од чл.247 ст.4 в.в. ст.1 и в.в со чл.24 од Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 и в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, обвинетата Х. Б. од С., за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 и в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, обвинетиот М. Ј. за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 и в.в. со чл.24 од Кривичниот законик и обвинетото правно лице А.З.Ц.О.С.З.К- М С. од С.– Ц., за кривично дело Измама од чл.247 ст.8 в.в. ст.4 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, ја укина и предметот во тој дел го врати на повторно судење пред првостепениот суд“, се наведува во соопштението на Апелација.