Мајката на Боки, Јасминка Јовановска не поднела оставка до Собранието како член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации, објави „Вечер.мк“.
Напротив, таа учествувала во работата на Комисијата во која незаконски е член и која решавала за 450 преставки.
Според законот, Собранието ги именува и разрешува членовите на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. Наместо да достави оставка до Собранието (кое во вакви случаи само ја констатира оставката), Јовано(в)ска почнува да ги изигрува правилата.
Информацијата дека е избрана Јасминка Јовановска беше објавена во медиумите на почетокот на февруари. Таа, 15 февруари 2019 наводно доставила писмен допис до Комисија за избори и именувања дека се повлекува. Од таму и било писмено одговорено дека таа Комисија (како што е запозната) не е надлежна, туку дека е Собранието и дека треба да поднесе оставка до Собранието за да и ја констатира.
Потоа, испратила втор допис со голема квалитативна разлика, со барање за разрешување до истата Комисија за избори и именувања (наместо оставка до Собранието).
А во меѓувреме, учествувала во работата на Комисијата која одлучувала за 450 предмети, иако формално-правно не е пријавена во Агенција за вработување како член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. До 18 февруари Јовано(в)ска одлучувала во Комисијата без законска основа.
Очигледно дека Јовановска знае дека Комисијата не заседава и одлучува за време на изборен процес, со што го изигрува законот за да остане на оваа функција и да зема плата два пати поголема од платата која ја имала во Министерство за труд и социјала, велат извори од Собранието за „Вечер.мк“.
Истовремено, ниту претседателот на Собранието Талат Џафери не го става на дневен ред нејзиното разрешување.
На 10 февруари 2019 година, Собранието на Република Македонија на седница донело одлука за именување на член на Комисијата на заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. За нов член беше назначена дипломираната правничка од Скопје Јасминка Јовано(в)ска. Откако Јованоска беше именувана на функцијата, Агенцијата за медиуми најави дека ќе поведе постапка против 1ТВ повикувајќи се на членот 38 од Законот за аудио и аудиовизуелните медиуми, во кој стои дека „политички партии, државни органи, јавни претпријатија, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не може да вршат радиодифузна дејност, ниту да бидат основачи, соосновачи или да добиваат учество во сопственоста на радиодифузерите“.
Јасминка Јовановска, која е сопруга на еден од сопствениците на 1ТВ и мајка на Бојан Јовановски (Боки 13) најави дека ќе се повлече од функцијата со образложение дека тоа го прави од лични и семејни причини.
Јас сум легалист и сакам да послужам како пример и за останатите, во слична ситуација да ги почитуваат позитивните законски прописи, стоеше во образложението на Јовано(в)ска.
Извори во редовите на пратениците кои одлучуваа, велеа дека препораката за избор на Јовановска дошла лично од Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието. Ова го потврдија и пратеници од СДСМ и пратеници од Комисијата за избори и именувања.
Од ВМРО-ДПМНЕ бевме само јас и Лилјана Кузмановска и ние не гласавме за предлогот, изјави тогаш Илија Димовски, пратеник и дел од Комисијата за избори и именувања.
Тој рече дека не знаел дека Јовановска е во роднински врски со Бојан Јовановски. Пратеници од СДСМ во разговор со ИРЛ, исто така, тврдеа дека не знаеле за кого станува збор.