ФИФА и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (CONMEBOL) нема да толерираат никакво мешање на државата во управувањето со федерациите и нема да се двоумат да го суспендираат Бразил доколку Едналдо Родригеш не биде вратен на чело на Бразилската фудбалска конфедерација (CBF), изјавил извор од CONMEBOL за AFP.
„Прописите се јасни. Во никој случај не е дозволена интервенција на надворешни сили во областа на надлежноста на здружението“, изјавил соговорникот на француската новинска агенција кој сакал да остане анонимен.
Претседателот на CBF, Едналдо Родригеш беше разрешен од должноста на 7-ми декември со судска одлука. Судот го поништи претходниот договор меѓу CBF и обвинителството во Рио, кој датира од март 2022 година, со кој Родригеш можеше да биде избран за шеф на федерацијата до 2026 година.
Судот привремено му го довери управувањето со CBF на Хозе Пердиз, кој има мандат да организира нови избори.
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (CONMEBOL) одлучија да испратат мисија во Рио де Жанеиро, која ќе започне со работа на 8-ми јануари, во обид да се најде решение за кризата.
Според бразилскиот медиум UOL, асоцијацијата CBF на 24-ти декември добила писмо потпишано од членот на ФИФА, Кени Жан-Мари и претставникот на CONMEBOL, Монсерат Хименез Гранда, во кое двете организации „енергично инсистираат“ дека пред 8-ми јануари „нема да има никаква одлука за CBF, особено за изборите“.
Во спротивно, ФИФА нема да има „никаков избор освен да побара од својот надлежен орган да го реши проблемот“, што може да „доведе до суспензија“. Во писмото се наведува дека ваквата суспензија на CBF ќе повлече исклучување на бразилските репрезентации и клубови од сите меѓународни натпреварувања.
Машката репрезентација на Бразил во моментов ги игра квалификациите за Светското првенство во 2026 година, а во јуни и јули 2024 година „Кариоките“ го чека настап на јужноамериканското првенство.