Единствен број за кризи во Македонија ќе биде бесплатниот број 112, како што е во цела Европа, а тој ќе функционира и преку СМС и преку E-call ако возите автомобил, а за тоа ќе бидат известени Телеком и А1 Македонија. Ова е само една од неколкуте нешта кои Владата ги договори на денешната 130-та седница, а главни теми беа како да се заштити цената на струјата на домашниот пазар од ценовните скокови на светската берза и новата инвестиција од 184 милиони евра во две електрани за фотоволтаици во Јамуларци и Скандалци.
Еве накратко што Владата одлучи:
– Владата ќе проба да нè заштити од поскапување на струјата со што ќе го овласти ЕВН ХОМЕ во случај на криза да набавува струја само од АД ЕСМ Скопје по пониски цени, наместо да ја набавува од производители од обновливи извори и по високи берзански цени. Владата одлучи да ја распредели целата струја од домашните производители на фирмите и домаќинствата со што би се задржале домашните цени, а истовремено ќе ги субвенционира производителите.
– Владата истовремено со 20 милиони денари ќе ги поддржи повластените производители на струја во време на пандемија во 2022 година, а тие на тендери ќе аплицираат за средствата. Процесот и динамиката ќе го контролира Министерството за економија кое ќе склучува договори за премиите со производителите
– Владата донесе Одлука со која се утврдува статус на стратешки инвестиционен проект на проектот „Фотоволтаични електрани во Јамуларци и Скандалци“ на „ПРОМАРК ЕНЕРЏИ ДООЕЛ“ Скопје. Електраните во Јамуларци и Скандалци се со вкупен капацитет од 280 мегавати, а вредноста на инвестицијата изнесува 184 милиони евра.
– Нов и единствен број за повикување помош за каков било вид криза ќе биде 112, а операторите А1 Македонија и Телеком ќе се погрижат тој да биде бесплатен и да функцнионира и со СМС-пораки. Ако возите автомобил, ќе имате бесплатен повик директно од возилот, преку услугата Е-call. Идејата доаѓа од ЦУК, Центарот за управување со кризи, а Владата ја прифати.
– Владата сака подобро да соработува со граѓанските организации па затоа усвои Акциски план за следните две години. За таа цел ќе се формира Совет за соработка кој ќе одредува како и кога ќе бидат финансирани здруженијата, но и ќе биде медијатор меѓу Владата и граѓанскиот сектор, а по потреба ќе учествува и во идните преговори со ЕУ.
– Владата ја одобри реконструкцијата на Универзитетска Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, на клиниката КАРИЛ во Отешево и на ЈЗУ Заводот за хронични респираторни и други заболувања.
– Владата одвои и 30 милиони денари кои ќе им бидат распределени на 11 печатени медиуми кои ги исполниле условите на јавниот повик за поддршка за печатење и за дистрибуција.