На денешен ден е роден Свети Јован Крстител

Православните христијани денеска го слават Денот на раѓањето на Свети Јован Крстител (Иванден).

Пророк кој оди пред Спасителот

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.

Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.

Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…

Свети Јован е еднен од ретките светители во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн. Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на св. Јован му паднале кумството и побратимството.