
На денешен ден во 1924 година во заседа кај селото Лопово на Пирин Планина е убиен Тодор Александров.
За убиството на Александров и за нарачателот, во историската наука постојат повеќе верзии. Според едната верзија негови егзекутори биле Штерјо Влахов и Динчо Вретенаров, блиски до петричкиот војвода на ВМРО, Алеко Василев-Пашата.
Тодор Александров е роден на 4 март 1881 година, во Ново Село, штипско, во семејството на свештеникот Александар Поп-Орушов и Марија Хаџијанева-Поп-Орушова. Таткото на Тодор бил учител во Радовиш, просветител и надарен човек, црковен пејач, поет, собирач на народни умотворби. Александров влегува во редовите на Организацијата многу млад (на 16 г.) додека е ученик во бугарското педагошко училиште во Скопје. По завршувањето на училиштето, Александров станува егзархиски учител во Виница, каде што работи за консолидирањето на Организацијата по тешката Виничка афера.
Во 1900-1901 е учител во Кратово, каде што соработува со Иван Шатев и Владимир Карамфилов. Токму братот на Иван Шатев, познатиот македонски револуционер Павел Шатев го убедува Александров да стане дел од групата на Гемиџиите, но Александров одбива.
За Александров, Шатев ќе напише дека, младиот даскал од Ново Село, бил „храбар, со бистар ум и бил подготвен да даде секаква жртва пред олтарот на слободата“.
За време на Илинденското востание е учител во Кочани и е одговорен за доставувањето на оружје за востаниците од слободна Бугарија. Учесник е во војните од 1912 до 1918 како офицер од Бугарската армија, командир на чета од Македоно-одринското ополчение.
Тодор Александров е убиен на 31 август 1924 г. од Штерјо Влахов и Динчо Вретенаров, блиски до петричкиот војвода на ВМРО, Алеко Василев-Пашата.
Човекот што посветил на револуционерното дело цели 27 години од својот живот ќе остане засекогаш запишан во историјата и меморијата на народот, како еден од најчистите луѓе што загинале за Македонија.