Сирените се слушаа 78 дена, а вкупниот број на жртвите никогаш не е утврден. Се проценува дека во текот на 11 недели загинаа над 2.500 луѓе, од кои 89 деца, додека вкупната материјална штета е проценета на повеќе десетици милијарди долари. Во Македонија дојдоа 360.000 бегалци од Косово.
Нападот врз Србија, односно СРЈ, беше извршен без одобрение на Советот за безбедност на Обединетите нации, што беше преседан.
Наредбата на тогашниот командант на сојузничките сили, американскиот генерал Весли Кларк, му ја издаде генералниот секретар на НАТО Хавиер Солана.
Кларк подоцна, во книгата „Модерно војување“, напиша дека планирањето на воздушната операција на НАТО против СРЈ „кон средината на јуни 1998 веќе на големо била во тек“ и дека завршило кон крајот на август таа година.
Откако српското собрание потврди дека не ја прифаќа одлуката за странски трупи на својата територија и предложи сили на Обединетите нации да го надгледуваат мировното решение на конфликтот на Косово, НАТО на 24 март 1999 во 19:45 ги почна воздушните напади со крстосувачки ракети и авијација, во повеќе места во Србија и Црна Гора.
Според податоци од Србија, до 10 јуни евидентирани се 18.168 авио полетувања, додека НАТО објави 38.004, од кои 10.484 со борбени дејства, а останатите биле извидувачки, летови на танкери, авакси и слично.
Нападите на СРЈ изведувани се од бродови во Јадранското Море, од четири воздухопловни бази во Италија, а дел од операциите се изведувани со бомбардери кои полетувале од бази во Западна Европа, па дури и САД.
За време на тие 78 дена уништени се околу 50 отсто од производните капацитети на земјата, а вкупната штета е проценета на десетици милијарди долари. Бомбардирањето заврши на 10 јуни. Еден ден претходно, претставници на Војската на Југославија и НАТО во Куманово потпишаа Воено-технички договор, со кој е прецизирано повлекување на силите на Војската од Косово и распоредување на меѓународни воени сили во тогашната српска покраина. Силите на КФОР, составени од 37.200 војници од 36 земји влегоа во Косово на 12 јуни.