На Денот Д, Бајден вети продолжување на поддршката за Украина во војната против Русија

Американскиот претседател Џо Бајден повика во четвртокот да се одбележи 80-годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија „за одбрана на слободата и демократијата“, апелирајќи до западните сили да истраат да ѝ помагаат на Украина и да „не попуштат пред руската тиранија“.

На церемонијата со францускиот претседател Емануел Макрон и американските ветерани на Американските гробишта и споменикот во Нормандија, Бајден рече дека е „едноставно незамисливо да се потклекне пред руската агресија“ и вети дека нема да отстапи од помагањето на Украина.

Ги повика западните и НАТО сојузниците повторно „да го разбудат духот на Денот Д“ и да работат заедно во време кога, според неговите зборови, „демократијата е под поголема закана од кога и да е од крајот на Втората светска војна“. „Изолационизмот не беше одговорот пред 80 години и не е денес“, рече Бајден.

На 6 јуни 1944 година, повеќе од 150.000 сојузнички трупи извршија инвазија во Франција од море и воздух за да ги истераат силите на нацистичка Германија и истовремено да спречат советските сули да ја окупираат целата Германија. Сојузничките сили се истоварија на пет плажи со кодно име Омаха, Јунона, Сворд, Јута и Голд.

Со намалувањето на бројот на преживеаните ветерани, од кои многумина сега се постари од 100 години, ова веројатно ќе биде последната голема церемонија во Нормандија каде што лично им се оддава почит.

Бајден рече дека му е голема чест да ги поздрави насобраните американски ветерани, велејќи им од говорницата: „Господ ве сака“. „Мажите кои се бореа овде станаа херои. Тие знаеја без ронка сомнеж дека има работи за кои вреди да се бориме и да умреме“, додаде

Говорејќи на британската церемонија во Вер-сур-Мер претходно во четвртокот, британскиот крал Чарлс Трети, облечен во воена униформа, исто така повика на поголема меѓународна соработка во борбата за мир.

„Се потсетуваме на лекцијата што ни се враќа по неколку децении: слободните нации мора заедно да се спротивстават на тиранијата“, рече Чарлс, зборувајќи на англиски и француски.

На свеченостите ќе учествуваат и украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Олаф Шолц и многу други.

Русија, која изврши ивназија врз Украина во 2022 година по осумгодишните безуспешни напори да се реши стасусот на бројното руско и рускојазично население во соседната земја, не е поканета. За Москва тоа е знак на заживување на полтиките од идеолошката Студена војна и знак дека Западот има вековна цел да ја разпри Русија како држава.

Се очекува лидерите да усвојат декларација во четврток во која ќе нагласат дека „демократијата во Европа е повторно под закана и ветување дека ќе ги бранат слободата и демократијата“, велат два извора на Reuters.

Речиси 200 ветерани, главно Американци и Британци, учествуваа во церемонии во текот на денот на плажите ветровити кои сè уште ги носат лузните од жестоките борби на Денот Д, најголемата амфибиска инвазија во историјата. Илјадници сојузнички војници загинаа, како и германски.

На американската церемонија во Колевил-сур-Мер, Макрон им ја додели Легијата на честа на американските ветерани, од кои многумина беа во инвалидски колички. Маркон истакна дека Франција нема да ја заборави нивната жртва. „Денес си дојдовте дома овде, ако можам да кажам така“, рече тој.

На плажата Омаха, каде што на 6 јуни 1944 година загинаа речиси 2.400 американски војници, повеќе од 20 шефови на држави и влади ќе учествуваат на меѓународна церемонија подоцна во текот на денот.