Соединетите Американски Држави денеска извршија воздушни напади врз 75 цели на Исламската држава во Сирија. Нападот беше извршен на денот кога падна режимот на Башар ал Асад, кој доби азил во Москва.
Во соопштението на Централната команда се наведува дека се извршени десетици прецизни воздушни напади врз познати кампови и оперативци на ИСИС во централна Сирија.
Овие напади врз оперативците и камповите на ИСИС беа извршени како дел од тековната мисија за попречување, намалување и поразување на исламистите, за да се спречи терористичката група да спроведува надворешни операции и да се осигура дека ИСИС не ја искористи моменталната ситуација за да се прегрупира во централна Сирија.
За време на операцијата, погодени се повеќе од 75 цели со користење на различни средства на американските воздухопловни сили, вклучувајќи авиони Б-52, Ф-15 и А-10. Проценките на штетите од бојното поле се во тек, а нема индиции дека има цивилни жртви.
„Не треба да има сомнеж, нема да дозволиме ИСИС повторно да се зајакне и да ја искористи моменталната ситуација во Сирија“, рече генералот Мајкл Ерик Курила, додавајќи дека сите организации во Сирија треба да знаат дека ќе ги повикаат на одговорност доколку на кој било начин се партнери или ја поддржуваат ИСИС“.
Сириските опозициски сили денеска го окупираа главниот град Дамаск, објавувајќи дека го собориле режимот на Асад. Тие изразија подготвеност да соработуваат со меѓународната заедница за стабилизирање на ситуацијата во земјата.