На Детската и на Инфективната клиника нема згрижено деца од ООУ„Ѓорѓија Пулевски“ поради труење со храна

На Детската клиника и на Инфективната клиника нема згрижено деца од основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ кои имаат симптоми на труење со храна. Информацијата за МИА ја потврдиле и дветете јавни установи.

Деца кои учат во ова училиште во скопската општина Аеродром, се пожалиле на стомачни тегоби со дијареа и повраќање.

Директорот на училиштето Александар Филипчев попладнево изјави дека од 360 ученици кои добиваат храна во целодневна настава, околу 140имаат исти или слични симптоми.

– Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат подолго на часови, појасни Филипчев во изјава за медиуми.

Случајот, како што изјави тој, е пријавен до сите надлежни институции и извршен е вонреден инспекциски надзор.

– Ќе постапиме согласно законската регулатива, подвлече тој.

Партијата Левица веќе објави дека во текот на вчерашниот ден во основното училиште ОУ „Ѓоргија Пулевски“ во општина Аеродром се случило масовно труење на децата од прво до трето одделение кои се хранат во училишната менза. Освен децата затруени се и повеќето од наставниците.

„Денес во школото за овие класови наставата е прекината и не се знае кога ќе продолжи. Потсетуваме дека фирмата „Стара Ванила“ која ја носи храната на доработка во училишната менза оваа година го зголеми износот што се плаќа за хранарина на децата за 10% во однос на лани. Ја повикуваме општината и надлежните веднаш да го обелоденат овој скандал во јавноста и да ги повикаат другите надлежни институции да извршат истрага и да се најде што поскоро виновникот за масовното труење и да се бара соодветна казна за сторителот, се вели во соопштението на партијата“, соопштија од Левица.