На Детската клиника нов апарат за предвремено родените и уште 20 медицински сестри

Опрема за реанимација со неинвазивна респираторна поддршка, наменета за предвремено родени деца, односно доенчиња кај кои е потребно подобрување на волуменот на белите дробови, доби денеска Универзитетската клиника за детски болести, донација добиена со поддршка од Германската амбасада и проектот Хопе.

По повод донацијата, министерот за здравство Венко Филипче и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска го посетија Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката.

Министерот Филипче му се заблагодари на амбасадорот за поддршката која ја даваат за проектот ПериМак, кој, како што рече, е еден од приоритетните проекти, а се однесува на намалувањето на новороденечката смртност. Посочи дека станува збор за донација на посебен апарат со кој се олеснува дишењето пред се кај предвремено родените бебиња, но и кај доенчињата на кои им е потребна ваков вид поддршка.

„Со овој проект значајно се подобруваат капацитетите, но и потенцијалите на нашите јавни здравствени установи посебно во сферата на неонатологијата. Се надевам дека ова е почеток на една значајна соработка со Германската амбасада и продолжување на проектот кој почна како соработка меѓу Министерството за здравство и Фондацијата проект Хопе“, додаде Филипче.

Амбасадорот Герберих истакна дека голема чест и задоволство му е што со средствата од малите проекти на Германската амбасада имале можност да се вклучат во еден проект со кој го поддржале Одделот за интензивна нега и терапија на Детската клиника.

„Ова е уште еден знак дека Македонија и Германија имаат многу добра соработка и на овој начин сакаме да покажеме дека не водиме само голема политика, туку помагаме конкретно на места каде што тоа е потребно“, додаде Герберих.

Директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ се заблагодари за донацијата и посочи дека пријателството со Германската амбасада е постојано. Изрази надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.

„На Одделот за интензивна нега и терапија има 16 деца, а најмалото родено во 28 гестациска недела има 450 грама и навистина е голем успех и на овие предвремено родени да им дадеме шанса да преживеат. Станува збор за близначка бременост, едното дете веќе е горе на Одделот, а второт се уште има потреба од поддршка“, додаде Ставриќ.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во текот на вчерашниот ден стигнале согласностите за вработување на 20 медицински сестри на Детската клиника со што, како што рече, значително се подобрува капацитетот на оваа јавна здравствена установа.

„Како Влада остануваме посветени на подобрување на персоналниот капацитет секаде каде што треба во јавните здравствени установи, додаде Филипче по примопредавањето на донацијата апарат кој го олеснува дишењето кај предвремено родените бебиња со поддршка на Германската амбасада и проектот Хопе.

Директорката на Детската клиника, Катарина Ставриќ рече со овие 20 медицински сестри за кои е добиена согласност за вработување и претходно вработените 20 медицински сестри, ќе бидат 40 медицински сестри и се зајакнува кадарот на Клиниката.

„Се надеваме дека ќе успееме и доктори, педијатри да вработиме и навистина да го подигнеме квалитетот на здравствената грижа. Опремата е едно, меѓутоа кадарот е исто така многу важен. Тука има улога и проектот Хопе во поглед на постојаната едукација на кадарот за постигнување на врвни успеси“, додаде Ставриќ.